МЗТ искусно го „згасна“ оганот во Куманово и дојде до 14. трофеј во Купот (ФОТО)
Аеродромци не потклекнаа пред пеколната атмосфера што ја направија домашните навивачи, кои речиси двојно го надминаа капацитетот во кумановската сала. Разликата во класа беше очигледна, а кумановци го платија данокот на жестокиот ритам и играњето три средби во три меча со релативно кратка ротација. Домаќинот беше рамноправен само во првите шест-седум минути во кои во неколку наврати имаа минимална предност, но потоа „металците“ уфрлија во петта брзина. Избраниците на тренерот Васко Атанасов на крајот од првиот и почетокот од вториот период направија серија 17-3 со кои дојдоа до првото убедливо водство (32-19), кое на момент го зголемија дури и на плус 19 (44-25).

Момците предводени од легендарниот Марин Докузовски имаа желба да направат пресврт, но не и доволно енергија, што гостите од Скопје го искористија и со жесток почеток на третата четвртина и серија 14-4 дојдоа до огромни плус 25 (62-37) како потврда на крајниот епилог. Нешто подоцна предноста се искачи и на уште повисоки 72-45, по што како да дојде до мало опуштање кај гостите од Скопје. Кошаркарите на Куманово тоа го искористија и со серија 8-1 намалија на „само“ минус 20 (73-53) на крајот од овој дел од натпреварот.

Мак Смит со 23 поени беше најефикасен во тимот на МЗТ Скопје, Гил додаде 13, а Танасковиќ и Магдевски по 12. Кај МКК Куманово, Митевски, Луковиќ и Ѓуроски постигнаа по 13 поени.





