
МЗТ експресно најде замена во рекетот – искусен Американец од Израел!
Абу доаѓа од израелскиот прволигаш Хапоел Галил Елион, а претходно настапувал за бундеслигашот Вурзбург, корејскиот прволигаш Чангвон, турскиот тим Беледиеспор, Спортинг од Лисабон и Вриједноснице Осијек, кој беше негов прв интернационален трансфер. Зад себе има солидна НЦАА кариера во Северна Каролина државниот универзитет, каде што во една од сезоните имал просек од 11,8 поени и седум скока.
Американецот ќе го пополни местото на Самет Јигитоглу, кој денеска ја искористи откупната клаузула во договорот за да се врати во матичниот тим Бешикташ. Аеродромци сметаат дека Абу е посилен и поискусен од турскиот кошаркар, што им дава надеж за далеку поголем придонес од центарската линија во средбите што се пред нив.
Дебито на новиот центар се очекува за следниот меч од АБА против Партизан, закажан за в понеделник во Белград.