МЗТ договори пресметки со првакот на Романија и со поранешен АБА-лигаш од Унгарија!

Актуелниот македонски кошаркарски првак, екипата на МЗТ Скопје, на почетокот од следниот месец ќе настапи на силен меѓународен турнир во Романија, откако денеска ја прифати понудата да биде дел од меморијалот „Антонио Алексе“.

Станува збор за традиционален настан во градот Орадеа, кој годинава ќе се одржи од 9 до 11 септември со учество на домаќинот ЦСУ Орадеа, унгарски Шолнок и на составот од скопски Аеродром. Се игра според принцип секој со секого, а МЗТ Скопје според начелно договорениот распоред прво ќе ги одмери силите со поранешниот АБА-лигаш од Унгарија (10 септември), а еден ден подоцна ќе го затвори турнирот со дуел со актуелниот романски шампион. Сите средби ќе бидат одиграни во салата во која неодамна настапуваше јуниорската селекција на Македонија на Европското првенство (ЕП), дивизија Б и тоа со почеток во 18 часот.

Тренерот Ѓорѓи Кочов во моментов на располагање ги има Дамјан Стојановски, Марко Симоновски, Андреј Магдевски, Андреј Маслинко, Кристијан Николов, Бојан Крстевски, Ранко Мамузиќ и интернационалецот од Кенија, Нуни Омот. Засега нема официјална најава кога шампионот би почнал со подготовките за новата сезона, но се очекува тоа да се случи во текот на следната недела.