МЗТ брка победа вредна две меч-топки за титула, Пелистер по „брејк“ за - две средби дома!

Кошаркарите на МЗТ Скопје вечерва ќе се обидат вторпат по ред да ја искористат предноста на домашен терен во финалната плејоф-серија против Пелистер (19 часот), со што би дошле на само еден чекор до целта, а тоа е јубилејната десетта титула во клупската историја.

Аеродромци беа убедливи во неделната пресметка, која ја добија со 84-64, што им дава за прави како фаворити да влезат и во овој дуел, кој може да реши многу дилеми во борбата за шампионскиот трофеј. Водството со 2-0 во сериите од доигрувањето што се играат на три победи во досегашната историја редовно значеле и крајна победа, што внесува дополнителен жар на средбата помеѓу двете најдобри екипи во досегашниот дел од сезоната.

За пелистерци влогот е уште поголем, поради што за очекување е да се обидат да ја одиграат најдобрата средба сезонава и да дојдат до посакуваниот „брејк“, кој би им гарантирал уште два сигурни натпревари на домашен терен. Во спротивно, ќе се најдат во ситуација да им виси „меч над главите“ со оглед што ако загубат вечерва тогаш не би имале право на уште еден кикс во следните евентуално три средби, секако ако сакаат прва титула во клупската историја.

Средбата се игра во салата „Јане Сандански“ и ќе биде една од ретките во досегашната историја на македонските првенства која нема да биде директно пренесувана на телевизија, овој пат поради претходно преземеноте обврски на МТВ кон одбојкар(к)ите на Македонија, кои играат меѓународни натпревари, како и немањето слух за одигрување на оваа средба во некој друг ден. Следењето на возбудувањата од Аеродром ќе биде можно само преку интернет-стриминг.