Македонските кошаркари имаат загарантирана минутажа, ама ефектот им е – мизерен!

Веќе трета сезона во низа, македонските кошаркари имаат загарантирана минутажа поради правилото дека секоја прволигашка екипа мора да имаа најмалку двајца домашни играчи на терен, што, пак, не ги спречува, барем досега, да имаат – мизерен ефект.

Како поинаку да се протолкува статистиката од досегашниот дел од првенството, која вели дека дури девет од најдобрите, односно поточно најефикасните кошаркари во елитата се – странци. Единствен кој ја спаси честа на Македонците е Дарко Соколов од тимот на Еуро Никел, кој просечно реализира 19,7 поени. Сите останати во најдобрата десеторка се интернационалци, кои во моментов ги има вкупно 44 во прволигашките тимови.

Најефикасен досега е бекот на Вардар, Џуниус Провел, со 24,8 поени просечно на еден меч, а веднаш зад него се Кори Рос од Куманово со 21,4 и Ентоан Максвел со 21,3, кој веќе не е дел од Кожув за кој одигра три натпревари. Нешто помала доминација на странците е во делот на скок-играта, каде што има „дури“ двајца Македонија меѓу најдобрите десет и тоа Славчо Темелковски (Академија ФМП) и Бојан Трајковски (Пелистер). Идентичен е односот и по бројот одиграни минути на средбите, каде што на списокот најдобри се Димитар Караџовски и Дарко Соколов. На македонските кошаркари некако најмногу им „лежат“ асистенциите, каде што ги има четворица во топ-10 листата и тоа Александар Костовски, Андреј Магдевски, Јане Петровски и Бобан Стајиќ.

Што се однесува до користењето странски кошаркари во тимовите, најмногу интернационална помош во моментов имаат МЗТ Скопје и ТФТ, кои единствени имаат регистрирано по петорица играчи надвор од државата иако на мечевите може да користат најмногу четири од нив. По максимален дозволен број странци имаат екипите на Вардар, Еуро Никел, Куманово, Кожув, Пелистер и Црн Дрим, додека Академија ФМП, Гостивар и Работнички имаат по тројца. Убедливо најмал број интернационалци има МЗТ Скопје УНИ Банка, во чии редови игра само еден Американец.