Лекарите ужаснати: Девојче со само 12 години дебитира во Првата лига!

Македонската кошарка добива женски пандан на Никола Гајдаџиев, кој во 2001 година на деветгодишна возраст дебитира во елитната конкуренција, откако изминатиов викенд, во меч од женската Прва лига, дебитира девојче кое едвај има – 12 години.

Станува збор за Ана Ангеловска, која настапи за тимот на Клупски Патриот во пресметката на домашен терен против Вардар (19-81). Таа биеше битка против скоро тројно повозрасни кошаркарки на противничкиот тим, со оглед што во црвено-црниот дрес настапува репрезентативката Славица Наков (33 години). Од тимот од Делчево дури и јавно се пофалија дека „малата Ана одигра одличен натпревар, без страв и респект кон искусните вардарки“.

Фактот што девојче родено 2006 година е уфрлено во оган заедно со далеку повозрасни и поразвиени противнички ги ужасна лекарите со кои контактиравме, а кои се категорични дека е надвор од разумот да се втурне толку млад спортист во дуели во сениорка конкуренција.

„Лудост е дете од 12 години да се пушти да се натпреварува против противнички кои се двојно, па и тројно повозрасни, а со тоа и поискусни и физички посилни. Во таква ситуација може да дојде до траума која потоа многу тешко се третира. Детето на таа возраст не е ниту емоционално ниту физички созреано и катастрофа е да му се дозволи да се натпреварува во сениорска конкуренција. Сериозно треба да се провери кој и како ја потпишал лекарската дозвола која е неопходна за настап во највисок ранг. Според мои искуства, најмала возраст за настап во Прва лига е околу 15-16 години и тоа со ригорозни лекарски проверки за да не се загрози здравјето на детето. Секое форсирање на помала возраст е еднакво на огромна лудост“, ни изјави претседателот на Здравствената комисија на МКФ, доктор Слободан Николиќ.

Лекарот задолжен за здравјето на најдобрата репрезентација на Македонија, а со години наназад и на кошаркарите на МЗТ Скопје не е директно запознат со случајот на Ангеловска, но смета дека тоа е идеален повод за дебата и воведување одредени возрасни граници во кошарката.

„Ова секако е идеална можност да почнеме дебата на оваа тема, бидејќи здравјето на спортистите, а особено на вакви деца мора да ни биде во прв план. Ќе ги разгледаме сите фактори и верувам дека во најбрзо време ќе реагираме како комисија“, дополнува Николиќ.

Ситуацијата да биде уште подраматична, 12-годишниот дебитант не е најмлада кошаркарка во составот на Клупски Патриот. На пријавната листа на екипата од Делчево има уште шест девојчиња кои туку што наполниле 12 години или ќе дојдат на оваа возраст до крајот на годината. Рекордерка, сепак, е Маринела Тренчовска, која е пријавена за настап во Првата лига со точно 10 години и еден месец.