Куманово продолжи да ги „меле“ фаворитите, Пелистер го шокира Гостивар

Кошаркарите на Куманово продолжуваат со добрите игри, па по минатонеделното освојување на Гостивар, пред нив падна уште еден фаворит и тоа Еуро Никел (86-85), кого го победија по едно продолжение.

Кумановци наполно заслужено дојдоа до бодовите, иако имаа можност триумфот да го осигурат уште во регуларниот дел. Стартната петорка им беше фантастична, со оглед што постигна дури 90-отсто од вкупниот број поени. Марјан Младеновиќ беше најдобар со 23 поени и 10 асистенции, додека Теодор Атанасов средбата ја заврши со 19 поени и 10 скока. Александер Марзет со 19 поени беше најпрецизен кај кавадарчани, кои не ја потврдија големата победа во минатото коло над МЗТ Скопје.

Екипата на Пелистер, пак, експлодира во пресметката со Гостивар (89-79), кој дури во финишот избегна вистински дебакл. Битолчани предводени од новиот тренер Љупчо Малинков во третиот период имаа неверојатни плус 36 (72-36), по што следеше разбирливо опуштање. Андреј Цветковски со 20 и Антон Казарновски со 17 поени беа најпрецизни кај зелено-белите, додека Ивица Димчевски со 23 поени беше најефикасен кај гостите.

Претходно денеска, Работнички и МЗТ Скопје лесно ги совладаа Кожув (97-81) односно Вардар (89-70), додека Академија ФМП потешко од очекувањата го победи младиот тим на МЗТ Скопје УНИ Банка (84-79).

ТАБЕЛА: МЗТ Скопје 7-2, Кожув, 6-3, Гостивар 6-3, Еуро Никел 6-3, Работнички 6-3, Куманово 6-3, Пелистер 4-5,Академија Фмп 3-6, Вардар 1-8, МЗТ Скопје УНИ Банка 0-9.