Кошаркарите на МЗТ Скопје го комплетираа списокот учесници во полуфиналето од Купот „Благоја Георгиевски-Буштур“, откако во последниот четвртфинален меч, потешко од што тоа го покажува резултатот, го совладаа тимот на Куманово (100-84).

Аеродромци апсолутно заслужено дојдоа до триумфот, а со тоа и до реваншот за неодамнешниот пораз на домашен терен од вечерашниот противник, со оглед што го имаа водството од првиот до последниот момент од натпреварот. Избраниците на тренерот Дарко Радуловиќ на стартот од второто полувреме дојдоа до највисоките плус 17 (52-35), но тоа не беше гаранција за лесен финиш, пред сѐ поради големата борбеност на противникот.

Кумановските кошаркари дадоа сѐ од себе за да ја стигнат големата негатива, а по двете тројки на Стефан Глигоријевиќ во еден момент дури и намалија на само два поени негатива (77-79). Но, тогаш како да снемаа сили, но и „металците“ повторно уфрлија во петта брзина и со серија 12-2 повторно дојдоа до двоцифрена предност (91-79), која се покажа доволна за посакуваниот успех.

Дамјан Стојановски со 20 поени и Хасани Гравет со 16 поени, седум асистенции и пет скока беа најдобри кај сино-белите од Аеродром, додека Отис Ливингстон со 27 поени и осум асистенции беше убедливо најдобар кај Куманово.

МЗТ Скопје во утрешното прво полуфинале ќе ги одмери силите со Академија ФМП (17 часот), која го направи најголемото изненадување денеска со елиминацијата на огромниот фаворит Пелистер. Во вториот дуел, Работнички ќе се сретне со Еуро Никел (19.30 часот).