Кошаркар на Вардар ќе учествува во реално шоу кое не смее да се емитува пред полноќ!

Кошаркарот на Вардар, Милорад Миновски, кој е еден од најдобриte македонски баскеташи во „3Х3“ ќе биде учесник во шестото издание од српското реално шоу „Задруга“, пишуваат денеска медиумите од северното соседство.

Тој нема некои посебни кошаркарски остварувања, но во моментов е четврти по квалитет баскетчија во Македонија и тоа според официјалната ранг-листа на ФИБА. Миновски во јавноста е познат и како поранешен свршеник на некогашната ѕвезда на ЖРК Вардар, Алисон Пино, а извесен период беше во врска и со француската ракометна репрезентативка, Калидиату Ниакате.

Србите го претставуваат како проблематичен, со проблеми со законот, што самиот го демантира, иако потврдува дека поради улична кавга неодамна автомобилот му бил кренат во воздух и тоа пред неговата зграда. Тој во „Задруга“ ќе има сличен на себе, барем според физичкиот изглед и тоа Кристијан Голубовиќ, кој е познат како силно момче со многу тетоважи на телото.

Миновски ќе биде втор македонски кошаркар во ова реално шоу, кое во Србија не смее да се емитува пред полноќ и има рејтинг (за дозволената возраст за гледање) идентичен на порно филмовите, по Дарко Спејко, кој имаше куса второлигашка кариера, а во изминативе две години работи како тренер во младинските репрезентации на Македонија.