Пораз на шампионот: МЗТ не успеа да го освои Гостивар!

По седум победи во низа, МЗТ Скопје доживеа пораз каде што веројатно најмалку се очекуваше - кај претпоследниот на табелата во Првата македонска кошаркарска лига.

Гостивар приреди мега-изненадување, совладувајќи го актуелниот шампион со 60-55. Во првиот меч на овие две екипи сезонава, во „Јане Сандански“, МЗТ се спаси од пораз преку продолжение, но вечерва потона на теренот каде знаел да колабира и порано.

Конечниот исход е уште поголема сензација ако се знае дека МЗТ отвори со 13-0 и по само три минути игра се чинеше дека ќе го прегази противникот кој во овој меч влезе со серија од четири порази. Сепак, Гостивар неочекувано брзо се созеде од шокот и на две минути пред крајот намали на 13-18 за пред крајот на првата и почетокот на втората четвртина да направи серија од 16-0 и да поведи со огромни 29-21. 

МЗТ одговори со серија од 14-0 во финишот од вториот и стартот на третиот период и пак го презеде водството (37-33), но Гостивар на почетокот од последниот квартал водеше со 49-39. Во третата четвртина бранителот на титулата постигна само четири поени што веројатно е неславен рекорд на овој тим. До крајот на мечот, скопскиот тим успеа само два пати да израмни, но не и пак да го преземе водството. Херој на Гостивар беше Елис кој во клучните моменти постигна пет поени по ред, но изненади конфузијата во нападот на шампионот кој во финишот не можеше да креира вистинска акција и да постигне кош. Магдевски од линијата за слободно фрлања можеше да ја врати неизвесноста, но промаши две слободни фрлања при негатива од 55-58, за потоа Грушановиќ само да стави точка на натпреварот.

Во прилично неефикасниот натпревар, поени за МЗТ Скопје постигнаа само петмина кошаркари, а најефикасен беше Војдан Стојановски со 18. Ветеранот Соколов го предводеше Гостивар со 13 поени.