Клубовите се против предлогот за доигрување и добивање првак на терен!

Рашомонијадата во македонската кошарка продолжува и денеска, откако челниците на Кошаркарската федерација на Македонија (КФМ) ја известија јавноста дека осум од десетте прволигашки екипи се против конкретниот предлог на МЗТ Скопје за доигрување на сезоната и добивање шампион на теренот.

Куќата на кошарката по писмен пат ги доби негативните одговори од Работнички, ФМП, Вардар, Куманово, Кожув, Еуро Никел, Пелистер и Гостивар, додека единствен со позитивен одговор беше МЗТ Скопје УНИ Банка, вториот тим на предлагачот. Дел од клубовите го образложија својот став, а дел само кратко и јасно гласаа против.

Од „Градски парк“ одговориле дека Работнички нема да може да го доигра првенството поради „поради малиот број на играчи“, согласно на делот во предложениот систем дека шампионот би се добил само со помош на домашни кошаркари. За Куманово, пак, Првата лига не смее да се доигра поради „заштита на здравјето на играчи и стручните штабови на клубовите“, додека гостиварци се категорично против предлогот, оценувајќи го како „несуштински и несериозен“.

„Врз основа на добиените одговори од страна на сите девет клубови, учесници во натпреварите во Прва лига-мажи (покрај МЗТ Скопје Аеродром како предлагач), одлучено е дека, во овој момент не постојат услови за продолжување на натпреварите во Прва лига-мажи. Согласно тоа, овој заклучок донесен во консултации со претставниците на сите екипи учесници во натпреварите во Прва лига-мажи, ќе биде доставен и даден на усвојување на наредната седница на Управниот Одбор на КФМ“, велат од Куќата на кошарката.

Првенството беше прекинато кон средината на март кога почна пандемијата со коронавирусот, а во меѓувреме се води „војна со зборови“ помеѓу МЗТ Скопје, кој смета дека треба да биде прогласен за шампион поради водството на табелата и КФМ заедно со најдиректните ривали на „металците“, кои се на став дека шампионатот треба да се поништи како воопшто и да не се играл.