Клубовите делумно ја добија битката: КФМ ќе ги плати тестовите за Ковид-19, ама не и котизацијата!

Македонските кошаркарски клубови делумно ја добија битката со Кошаркарската федерација на Македонија, па по денешниот состанок на Здружението на прволигаши, КФМ се обврза да го плати тестирањето на коронавирус пред стартот на новата сезона, но не и да ја укине котизацијата за учество во новата сезона.

Одлуката за прифаќање на трошоците за тестирања на ковид-19, кои ќе бидат направени 72 часа пред стартот на сезоната, е иницијатива на МЗТ Скопје, кој уште пред повеќе од една недела побара КФМ да ги сноси трошоците, но и да ја укине котизацијата, како што тоа го стори Ракометната федерација на Македонија во пресрет на стартот на сезоната, ослеснувајќи им ја работата на клубовите за околу 7.000 евра во оваа корона-криза.

На Здружението денеска беше прифатен само делот за тестирањето, а прволигашите се договорија стартот на сезоната да биде на 3 октомври и во првиот дел од натпреварувачката сезона 2020/21 да се играат вкупно 22 кола и потоа првите шест да ги пренесат бодовите во Суперлигата, додека последните четири да играат плејаут. Во оваа сезона ќе играат 12 тимови, откако ТФТ и Црн Дрим станаа нови членови на прволигашкото друштво.

„Комесарот за натпреварување, Сречко Хорват го презентираше шротоколот за организација на првенствени натпревари од страна на федерацијата во вонредни ситуации настанати поради вирусот ковид-19, во сите рангови на натпреварување за сезона 2020/2021, а федерацијата ќе ги покрие трошоците на екипите за задолжителното тестирање од вирусот ковид-19, кое треба да биде извршено на 72 часа пред почетокот на новата натпреварувачка сезона.Иако имаше опција котизацијата за натпреварувањето во Првата лига-мажи да биде укината, клубовите се согласија дека тоа е нивна обврска. Доколку Агенцијата за Спорт и млади обезбеди посебни, наменски средства до федерацијата за котизација, истите ќе бидат распределени до сите екипи, членки на Првата лига – мажи“, објавија од КФМ.

Исто така во новата сезона кошаркарите во домашното првенство ќе играат со топки „Вилсон“, а секоја екипа ќе добие по десет вакви топки откако федерацијата постигнала договор со оваа компанија за соработка во новата сезона.

За крај познати се и двојките за првото коло во новата сезона, па на 3 октомври сезоната тргнува со најголемото македонско дерби Работнички – МЗТ. Двојките за првото коло се Академија ФМП – Гостивар, ТФТ – Куманово, Кожув – Пелистер, МЗТ Скопје Уни Банка – Еуро Никел 2005, Работнички - МЗТ Скопје Аеродром и Вардар – Црн Дрим.