
КК Пелистер нема ниту еден вработен, а е шампион во - правење профит (ФОТО)
Според нивните анализи, битолчани во 2023 година пријавиле приход од 690.000 евра, а на крајот од годината на сметката им останале 396.000 евра со што станаа шампиони во друштвото компании со нула вработени. Зелено-белите лани објавија спонзорски договор со фирмата „Таск Форс“, додека голем дел од средствата доаѓаат и од општина Битола.
Сето ова, сепак, треба да се земе со мала резерва, иако бројките се нешто со што не може да се манипулира, со оглед што е тешко да се прифати тезата дека Пелистер во 2023 година, која опфаќа две полусезони, потрошил „само“ 300.000 евра знаејќи го квалитетот на играчкиот и на тренерскиот ростер.
Екипата од Битола е вистинско освежување во изминативе години во македонската кошарка, како единствен конкурент на неприкосновениот МЗТ Скопје во битката за домашните трофеи, а згора на тоа во последните три сезони игра и во АБА2 лигата.