КФМ се пишмани: Пропаѓа идејата за „балон“, плејофот ќе се игра нормално!?

Неприфаќањето од најголем дел од прволигашите за играње на плејофот според турнирски систем во една сала, е главната причина поради која Кошаркарската федерација на Македонија (КФМ) речиси сигурно ќе си ја смени одлуката и ќе го врати нормалниот начин за одигрување на пресметките за титула според системот – дома-гости.

Дополнителен аргумент за поништување на идејата за т.н. „балон“ е и фактот што само неколку дена пред почетокот на доигрувањето екипите што ќе играат во плејофот ќе ги одмерат и силите во завршницата од Купот „Благоја Георгиевски-Буштур“ без притоа да бидат ставени во карантин. Потенцијалните кандидати за титулата сакаат предноста остварена во регуларниот дел од сезоната да ја капитализираат со играње на потенцијалната „мајсторка“ од сериите на домашен терен, нешто што би го загубиле како бенефит ако се игра според турнирски принцип.

Секако, не смее да се заборави ниту огромниот организациски предизвик на организација на „балон“ во Македонија, каде што покрај играчите и тренерите во изолација би морале да се сместат и официјалните лица, но и техничкиот персонал како камерманите, новинарите, коментаторите... Само така би се постигнала целта на турнирскиот систем, што во моментов е навистино тешко да се изведе во македонски услови, а сѐ освен таква организација би била попусто трошење на парите.

Официјални информации за вакво нешто од Куќата на кошарката засега нема, но со оглед што има уште три недели до стартот на плејофот, време за таква објава има сосема доволно, а која со нетрпение ја очекуваат и екипите од плејофот, но и тие што ќе играат во плејаутот за опстанок.