Македонската јуниорска репрезентација го претрпе и третиот пораз по ред на ЕП во Измир (Турција), откако денеска, релативно неочекувани, загубија од „фудбалерите“ од Велика Британија (69-71), кои шутираа само тројки.

Жолто-црвените имаа голема шанса да дојдат до првата победа, со оглед на водството 62-58 на пет минути до крајот, што делуваше огромна предност во еден ваков тврд меч. Но, нашите таленти следните 240 секунди не постигнаа ниту еден поен, додека Британците реализираа осум и направија целосен пресврт (66-62), кој им го донесе посакуваниот триумф. Ќе остане запаметено дека кошаркарите од Островот дури 45 пати шутнале за тројка (погодија 11), додека Македонија имаше ужасен шут за три поени (2/21).

Теодор Симиќ со 19 поени и 13 скока беше прво име во нашиот тим, а зад него беа Тома Стојаноски со 14 поени и 11 скока и Андреј Шошкиќ со 14 поени.

Без разлика на последното место во групата, македонските кошаркари ќе играат во осминафиналната фаза, каде што речиси сигурно ќе играат против селекцијата на Шпанија, најголемиот фаворит за златото на ЕП. Средбата ќе се одигра задутре.