Кошаркарите на Гостивар играат како преродени по доаѓањето на Александар Јончевски на клупата на местото на Марјан Србиновски, откако по триумфот над МЗТ Скопје во претходниот меч денеска, како гости, го совладаа и вториот скопски гигант, Работнички со 83-79.

Сино-белите од Западна Македонија триумфот го обезбедија со пеколна игра на стартот од последната четвртина, кога со серија 17-4 во која постигнаа дури пет тројка направија целосен резултатски пресврт па од негатива од осум поени (57-65) дојдоа до предност од пет поени 74-69. Тоа се покажа како клуч за големиот успех, со оглед што домаќинот до крајот успеа само еднаш да го изедначи резултатот (76-76), по што следуваше низа од пет поени на гостиварци за печат на освоените бодови.

Тоа беше крај на серијата од шест победи по ред на Работнички, за кого ова беше шести пораз сезонава, со што сеизедначи со МЗТ Скопје и Еуро Никел, додека најмалку загубени средби има Пелистер – пет. Гостивар, пак, дојде до скор 12-9, со што само го запечати учеството во плејофот.

Марјан Јанески, поранешниот играч на центарци, беше творецот на триумфот на гостинскиот тим со 20 постигнати поени, додека зад него беше Александар Костоски со 19 поени и по четири скока и асистенции. Љубомир Младеновски со 19 поени и девет скока беше најдобар кај Работнички, за кого дебитираше новиот Американец, Иван Аска и тоа со четири постигнати поени.

За разлика од својот голем ривал, лесно до бодовите денеска дојде МЗТ Скопје во пресметката со Вардар (82-66) на домашен терен. Тоа беше рутински триумф на „металците“ без преголем напор, за кревање на самодовербата пред патувањето за Подгорица на финалниот турнир од АБА2-лигата.

Андрија Бојиќ со 19 поени и 11 скока беше најпрецизен кај составот од Аеродром, каде што Дамјан Стојановски постигна 15 поени по неколкуте пропуштени меча поради коронавирусот. Виктор Ташовски, пак, со 17 поени беше најефикасен кај црвено-црните.

МЗТ сега има скор 11-6, додека Вардар останува претпоследен со 4-16.