Играјте во сали без основни услови и со расипани уреди, само немојте да пцуете по КФСМ!

Казнената политика на Кошаркарската федерација на Македонија (КФСМ) одамна е оценета како проблематична, а последна потврда на тоа се казните изречени во последното издание од редовниот билтен каде што може да се види каква диспропорција има помеѓу санкциите за немањето потребни услови во салата за еден прволигашки меч со тие за навредување на предводниците на македонската кошарка.

Неисправните технички и помошни уреди носат казна од само 3.000 денари, кои за средбите од минатото коло ќе треба да ги платат Работнички и Академија ФМП, иако станува збор за работи без кои не би требало да почне еден натпревар во елитата. Згора на тоа, оваа сума не се зголемува двојно со секое повторување на прекршокот, како за некои други санкции. Тоа најверојатно е причината што овие два тима, но и поголем дел од останатите не се ни трудат да ги отстранат проблемите, со математика дека поевтино им е да платат казна отколку да платат мајстори.

Делегатите на мечевите во „Градски парк“ исто така редовно потенцираат дека „судиската соблекувална е претворена во магацин и дека нема услови за туширање на судиите бидејќи не може да се затвори и заклучи вратата“. За тоа казната е уште помала, односно изнесува 2.400 денари и тоа без двојно зголемување за секое повторување на прекршокот.

Но, ако некој се дрзне да го наруши интегритетот на КФСМ односно на челниците на оваа институција, тогаш санкциите се далеку пожестоки. Тоа на своја кожа најдобро го почувствува МЗТ Скопје, кој ќе треба да плати 8.000 денари поради истакнат транспарент и навивање против луѓето кои ја предводат македонската кошарка. Згора на тоа, во билтенот казната е забележана како „навреда на учесниците на натпреварот“, небаре на паркетот биле претседателот Перо Антиќ и спортскиот директор Тодор Гечевски.

Ваквите несфатливи односи помеѓу казните, како и многуте небулози кои се напишани во Пропозициите за натпреварување се проблеми кои постојат долги години и не се „ексклузивно право“ на сегашното раководство на КФСМ, кое, сепак, не стори ништо истите да ги среди и прилагоди на условите кои во моментов владеат во макбаскетот.

Али, важно, тие изгласаа Кодекс за однесување на вработените во Куќата на кошарката, со кој им е „забрането“ сѐ освен дишењето.