И тоа има: Записничката маса „крадела“ поени на скопското дерби во Втората лига

Како одминуваат години квалитетот на македонската клупска кошарка е сѐ понизок, а гафовите и глупостите кои се случуваат на натпреварите стануваат сѐ почести, за што најдобар пример е случката на второлигашкото дерби помеѓу ТФТ и Феникс 2010 (77-72) во кое биле „украдени“ – поени.

Инцидентот е утврден со дополнително прегледување на снимката од мечот од 1. коло од Втората лига - Исток, при што е забележан пропуст на луѓето од записничката маса, кои пропуштиле да впишат два поени во втората четвртина на контото на Феникс 2010. Поради тоа, казнети се делегатот Панајотовиќ и записничарот Ѓорѓиевски, со забрана за вршење должност од четири натпревари по темпо на делегирање, но крајниот резултат не е променет.

„Врз основа на преглед на снимката од натпреварот ТФТ – Феникс 2010, забележан е пропуст на записничката маса со невпишување на два поена во втората четвртина за екипата на КК Феникс 2010. Одиграниот натпревар се регистрира со постигнатиот резултат, а службените лица ке бидат соодветно казнети“, се вели во објаснувањето на комесарот за натпреварување, Лазар Гечевски.

Од казна не куртули ниту домашната екипа, која скапо ќе ја чинат првите бодови со оглед што ќе треба да плати 35.200 денари и тоа 24.000 за фрлање тврди предмети од трибините, 8.000 денари за навредување на учесниците на паркетот и 3.200 денари за техничката грешка на тренерот Боро Смилковски.

ФОТО: Ивановски/basketball.mk