Кошаркарите на Гостивар новата 2020 година ја почнаа со голема победа на гостински терен против МЗТ Скопје (78-72), со што станаа првиот тим сезонава на домашна и јадранска сцена што успеал да дојде до бодовите во Аеродром.

Сино-белите досега имаа 13 победи по ред во „Јане Сандански“, но овој пат мораа да му честитаат на расположениот противник, кој уште еднаш излезе како поуспешен во пресметките со шампионот, со оглед што беа подобри и во првиот меч во Гостивар. Стартните 9-0 на гостиварци им донесоа предност, која ја одржија до самиот крај, додека „металците“ само двапати успеаја да дојдат само до минимална предност.

МЗТ Скопје даде сѐ од себе да дојде до пресврт во последната четвртина, но кошаркарите на Гостивар имаа адекватен одговор на секој нивни обид. Гостите постигнаа пет од вкупно 13 тројки во последните десет минути, што се покажа како клучен фактор, заедно со седумте скока повеќе, кои им донесоа повеќе напади.

Со овој триумф, гостиварските кошаркари се изедначија со составот од „Јане Сандански“ на првото место на табелата со скор 9-3. Донован Доналдсон со 20 поени беше прво име во победничкиот тим, а веднаш зад него беа Ивица Димчевски со 19 поени (пет тројки) и Ѓорѓе Џелетовиќ со 18 поени. Дамјан Стојановски со 15 поени беше најпрецизен кај аеродромци, додека Андреј Магдевски и Ерон Харис реализираа по 11.

Ова беше прв меч од 12. коло од Првата лига, во склоп на кое утре ќе се сретнат Еуро Никел и Кожув (18 часот), Работнички и Куманово (18 часот) и Академија ФМП и Пелистер (18 часот), додека Вардар задутре (недела) ќе го пречека МЗТ Скопје Уни Банка (18 часот).