Проблеми за Работнички: Шампионот без најголемиот борец ќе бие битка со МЗТ Скопје!

Актуелниот кошаркарски шампион, екипата на Работнички, се соочува со сериозен проблем во пресрет на против МЗТ Скопје со оглед на најавите за отсуство на најискусниот во тимот, Ѓорѓи Чековски.

Популарниот Станко, неофицијално, на завчерашниот тренинг посериозно го повредил скочниот зглоб поради што не настапи на синоќешниот хуманитарен меч помеѓу првиот тим и ветераните на центарци. Засега шансите тој да настапи на првата овосезонска пресметка помеѓу најголемите кошаркарски ривали кај нас се минимални. Но, познавајќи го неговиот карактер и решителност, секогаш постои опција дека Чековски и покрај сѐ ќе стисне заби и ќе истрча на паркетот, иако тоа во моментов е речиси невозможна опција со оглед на состојбата на неговиот зглоб.

Чековски сѐ уште нема настап за Работнички сезонава, откако беше регистриран за настап дури во пресрет на мечот против Куманово од 4. коло од Првата лига. Поранешниот репрезентативец, сепак, го пропушти и овој меч поради проблеми со стапалото, но изминатиов период напорно работеше за да биде подготвен за пресметката со големиот ривал од Аеродром. Но, повредата на скочниот зглоб најверојатно ќе го пролонгира неговото деби сезонава во дресот на шампионот.

Првото вечно дерби сезонава ќе се одигра в понеделник во салата „Јане Сандански“ со почеток во 2015 часот и тоа во склоп на шестата прволигашка рунда..