Еуро Никел го растури Пелистер, си обезбеди плејоф и му направи услуга на МЗТ!

Кошаркарите на Еуро Никел далеку полесно од очекуваното го совладаа Пелистер (94-70) во вечерашниот последен меч од претпоследното коло од Суперлигата, со што за себе си осигураа место во плејофот, а во исто време му ја донесоа стартната позиција број еден на – МЗТ Скопје.

Кавадарчани со овој триумф се искачија на третото место на табелата со скор 18-13, кое се очекува да го потврдат следниот викенд со оглед што го пречекуваат Феникс, тимот што игра без странци и кој одамна нема резултатски императив. Тие воедно ги „забетонираа“ зелено-белите на втората позиција, без шанси да го стигнат ривалот од Скопје, со оглед што на едно коло до крајот разликата е две победи. Тоа значи дека дуелот помеѓу двете најдобри екипи в недела во Битола ќе биде ревијален, но и дека Еуро Никел си го „избра“ Пелистер за ривал во полуфиналето од доигрувањето за титула.

Тимот предводен од Горан Самарџиев го имаше водството во најголемиот дел од средбата, а клучната разлика ја обезбеди во третиот период (31-12). Составот од Кавадарци прво го почна второто полувреме со седум поени во низа за прво двоцифрено водство (57-45), за потоа со серија 16-2 да дојде до огромни плус 26 (81-55) што беше крај на надежите на гостите за евентуален триумф.

Бранислав Џекиќ со 16 поени и шест скока и Џексон Дубински со 15 поени и шест асистенции беа најефикасни кај кавадарчани, и Калахан постигнаа по 13 поени, додека Обрад Томиќ и Ивица Димчевски средбата ја завршија со по 10 поени и девет скока. Игор Кесар со 20 поени, седум скока и пет асистенции беше најдобар кај Пелистер, за кој не настапи казнетиот Бобан Стајиќ, а на клупата поради суспензија го немаше ниту тренерот Марјан Илиевски.

Последната непознаница во пресрет на плејофот ќе биде решена в недела, кога во салата „Кале“ ТФТ ќе го пречека Гостивар. Победникот ќе заврши како четврти и ќе ги одмери силите со МЗТ Скопје во полуфиналето од доигрувањето.

ТАБЕЛА: МЗТ Скопје 27-4, Пелистер 25-6, Еуро Никел 18-13, ТФТ 17-14, Гостивар 17-14, Феникс 14-17.

ФОТО: КК Пелистер