ЕКСКЛУЗИВНО: Ивица Коневски целосно се повлекува од МЗТ Скопје Аеродром!
Првиот аеродромец за својата одлука веќе ја известил управата на клубот, пред сѐ со цел да се создадат услови за враќање на навивачката група „Фемили“ на трибините, која тоа го условуваше со неговото повлекување од таборот на „металците“. Оддалечувањето на Коневски од клубот воедно не значи дека и општината ќе престане да го финансира МЗТ Скопје, туку договорот за донации ќе продолжи и во следниот период. Истовремено, средствата кои тој ги обезбеди за претстојната сезона од разни спонзори ќе продолжат да се влеваат во клупската каса. Коневски никогаш немал официјална функција во МЗТ Скопје, но неговата заинтересираност секогаш било како прв човек на општината која и формално е сопственик на МЗТ Скопје.
Градоначалникот почна да му помага на клубот набрзо откако тој спадна на најниски гранки, а во 2012 година веќе беше остварен историскиот сон за освојување на шампионската титула. Пред челниците на првакот сега е период од една година во кој треба да се прилагодат на новата ситуација и да обезбедат спонзори односно средства кои досега Коневски ги обезбедуваше надвор од општинските пари, со цел да продолжи доминацијата на аеродромци во македонската кошарка.