Докузовски: Никогаш не сум задоволен од сезона во која Работнички не е шампион!

Тренерот на Работнички, Марин Докузовски, смирено го водеше целиот трет натпревар од финалната серија, а таков беше и по неговото завршување и новиот пораз за неговиот тим кој значеше и титула за МЗТ Скопје.

Тој е свесен дека противникот е далеку поквалитетен во моментов, но и дека да не беа големиот број пехови во неговиот тим, пред сѐ повредите на Николовски, Мираковски и Караџовски, неиграњето во „Градски парк“ и задоцнетото регистрирање на Американецот Џонсон, ситуацијата ќе беше поинаква.

„Би сакал да му честитам на МЗТ за титулата. Објективно беше поквалитетен тим од нас. Ние бевме хендикепирани поради повреди, особено во последните два меча, но и покрај тоа пруживме силен отпор. Ако имавме малку поголем ростер, сигурно немаше да загубиме со 0-3. Немам забелешки на натпреварот, игравме добро, но како и на минатиот натпревар снемавме сила на крајот. Не може со пет-шест играчи да се држи цел натпревар. Сѐ на сѐ, МЗТ заслужено ја освои титулата“, изјави популарниот „Доктор“.

Докузовски се осврна и на наредната сезона, во која многу веројатно тој нема да биде тренер.

„Треба да видиме каде се грешело, каде било добро и што треба да се направи. Ќе следи една анализа, па ќе видиме што ќе правиме. Што се однесува до сезоната, освоивме Куп, игравме финале, може да се рече дека не е неуспешна сезоната, ако се земат пеховите, затоа што не игравме во своја сала, не регистриравме едно засилување од САД, треба да се задоволни. Но, јас како тренер на Работнички никогаш не сум задоволен кога нема да ја освоиме титулата“, заврши предводникот на центарци“, дополни Докузовски.