Бојкот во кошарката и ракометот: Политичари, не водете војни врз грбот на спортистите!

Претставници на ракометните и кошаркарски второлигаши денеска на заедничка прес-конференција ги искажаа своите проблеми со недобивањето ваучери според новиот начин на распределбата на средствата од Законот за даночно ослободување и најавија бојкот сѐ додека не се реши нивниот проблем.

Според нивните сознанија, причина за ова е препукувањата помеѓу политичките партии во Собранието, каде што треба да поминат измените од Законот за ослободување од данокот за добивка со кои тие треба(ше) да добијат еден милион евра. Поради тоа, заеднички апелираат до политичарите да престанат да се пазарат на сметка на спортистите

„Причината за која сме дојдени денеска е проблемот со доделување на ваучерот за ракометните и кошаркарските клубови, односно изоставувањето од целокупната процедура што не беше ветувана уште од месец февруари. Во изминатите денови, за жал бевме сведоци и на една политичка сапуница, каде се искористи спортот како алатка за пазарење. Апелираме до политчките партии дека е време да седнат и да ги средат состојбите во спортот. Сите сме на работ на егзистенција и веќе од утре нема да бидеме во можност да играме во Првата лига, а ќе ги бојкотираме и сите натпревари во младинските категории. Се надеваме дека тие нема да го скршат сонот на илјадници дечиња кои играат ракомет и дека ќе престанат со меѓусебните игри“, изјави Дарко Петровски од РК Аеродром.

Идентичен е и ставот на кошаркарските второлигаши, чиј претставник дури и ги повика колегите од Првата лига да им се приклучат во бојкотот во знак на поддршка.

„Оваа битка ја водиме заедно со ракометарите. Поради политички игри е спречен процесот кој требаше да ни обезбеди ваучери. Кошаркарските второлигаши донесоа заедничко известување испратено со МКФ и АМС. Како никогаш досега сме сложни и ќе останеме сложни да ја сипраивме неправдата. Кошарката не е само Првата лига туку и Втоирата и младинските лиги. Многу од репрезентативците кои играа летово играат во овие младински екипи, поради што со право бараме да бидеме опфатени со овој ваучерски систем. Сѐ додека не се добие ваучер, второлигашите нема да почнат со натпревари во системот на КФСМ. Апелираме и до прволигашите да нѐ поддржат и во некој од следните викенди и тие да бојкотираат заедно со нас“, изјави Благоја Кечовски од КК Ангели, кој воедно е и претседател на Здружението на второлигашите.

Клубовите од вториот ранг по квалитет во ракометот и кошарката се решени да истрајат до крај во своите барања, дури и по цена да се изгуби цела сезона. Неофицијално, главен проблем во излгасувањето на измените во Законот за ослободување од данокот за добивка со кои се предвидени нови четири милиони евра за македонскиот спорт е ултиматумот на ДУИ кој бара еден милион евра да завршат во касите на албанските клубови без притоа да се гледа спортскиот критериум како за останатите екипи.