Антиќ: Немам бизнис кај нас, парите ги инвестирам во Србија и Република Српска!

Претседателот на Кошаркарската федерација на Македонија (КФМ), Перо Антиќ, за време на гостувањето во подкастот „Бизнис муабети“ со новинарот Мишко Иванов откри дека од неколкуте милиони евра заработени во кариерата нема почнато ниту еден бизнис во Македонија.

Тој потенцира дека дел од заработените пари му се инвестирани, но во Србија и во Република Српска.

„Во Македонија да се почне бизнис е бог да чува, треба да си близок до некои луѓе. Бинзисите ми се Србија и во Република Српска, за кои и не сакам да зборам кај нас. Во едната држава ми се инвестирани во рударство, а во другата во недвижности“, изјави меѓу другото Антиќ.

Поранешниот троен европски шампион и засега единствен македонски кошаркар во НБА проговори и за настапот во политичкиот спот на претседателот на Србија, Александар Вучиќ, за што беше жестоко нападнат во домашната јавност.

„Јас сум горд Македонец со српско потекло по дедо ми, кој бил роден во Ниш. Вучиќ се покажал пријател на нашата држава и јас сам отидов да му дадам поддршка, за што пред 25.000 луѓе јавно ми се заблагодари“, објасни Антиќ.

Целиот разговор, односно видео-исечоците од него може да ги погледнете ТУКА.