Опел Корса избрана за автомобил на 2020 година во Македонија!

Националното жири за избор на „Автомобил на годината во Македонија“ годинава по 25. пат го организира изборот кој е најстарата манифестација од ваков вид во Македонија.

Од моделите пристигнати на македонскиот пазар помеѓу двата избора, Националното жири за избор на „Автомобил на годината во Македонија“ согласно Правилникот за работа и критериумите на изборот, одреди шест финалисти кои годинава рамноправно конкурираа за титулата „Автомобил на годината во Македонија за 2020“.

Победникот како награда добива стилизирана маска на ладилник, авторско дело на Валентин Ширилов, направено специјално за Изборот на автомобил на годината во Македонија уште од 1995 година. Листа финалисти ја сочинуваа: Kia Xceed, Toyota RAV4, Opel Corsa, Mazda 3, BMW 1 и SsangYong Korando

Право на глас имаат и финалистите, кои можеа да гласаат за еден кандидат, освен за сопствениот модел. Возилото што доби најмногу гласови од финалистите освојува еден глас, кој е рамноправен со гласовите на членовите на жирито. По анализатa на сите својства на возилата кои беа избрани како финалисти и по практичното запознавање со возните карактеристики, членовите на Националното жири за избор на автомобил на годината во Македонија, титулата ја додели на Opel Corsa.

„Corsa како прв сосема нов модел откако Opel стана дел од семејството на PSA во целост ги оправда очекувањата. Современиот изглед и модерните технологии меѓу кои и електричната погонска група ѝ даваат предност во настапот на пазарот, посебно во земји како Македонија каде купувачите ќе ги освојува и со атрактивната цена“, се вели во образложението на наградата.

При изборот на Автомобилот на годината Националното Жири се раководеше од шесте критериуми:

- адекватност и понуда на домашниот пазар

- економичност и еколошка прифатливост

- безбедност и примена на технолошки достигнувања

- возни својства

- дизајн

- комфор и опременост

Секој член на жирито има на располагање 120 бодови што треба да го распредели на моделите финалисти. Победничкото возило Opel Corsa доби 110 бодови од жирито (4 гласа), пред Mazda 3 со 86 и Toyota RAV 4 модел што доби 81 бод.

Признанието за СУВ на годината, пак, го доби моделот Toyota RAV4.

„Со петтата генерација, Toyota како наново да го лансираше RAV4. Тој сега е попростран и поудобен, со помоќен изглед и нови технологии спакувани во една урамнотежена целина со избалансирана цена. Вниманието на купувачите го привлекува и со хибридниот мотор кој ги замени дизелите. Целокупно гледано, RAV4 со многу свои особини се издвојува од бројната конкуренција во класата која своевремено токму тој ја популаризираше“, е образложението за оваа награда.

Гласот од финалистите годинава го доби моделот MAZDA 3. Од шесте финалисти за моделот Mazda 3 гласаа три со што овој модел доби еден рамноправен глас при гласањето.

Националното Жири за Избор на автомобил на годината во Македонија годинава по третпат го доделува и признанието „Томислав Биљарац“, во чест на доајенот на македонското автомобилско новинарство, основач и прв претседател на Националното жири за Избор за автомобил на годината во Македонија. Наградата се доделува за посебни придонеси и резултати во автомобилската индустрија.

Одлуката на Националното жири за избор на автомобил на годината во Македонија е признанието „Томислав Биљарац“ за 2020 година да биде доделена на Славка Каленикова.

Досегашни носители на признанието „Томислав Биљарац“

Владимир Воиновски

Стерули Бураку

Досегашни победници во изборот за „Автомобил на годината во Македонија“

1996 Fiat Bravo/Brava

1997 Renault Megane

1998 Opel Astra 1998

1999 Skoda Octavia

2000 Fiat Punto

2001 Seat Leon

2002 Toyota Corolla

2003 Mazda 6

2004 Mazda 3

2005 Seat Altea

2006 Vоlkswagen Passat

2007 Opel Corsa

2008 Kia Cee`d

2009 Volksvagen Golf VI

2010 Opel Astra IV

2011 Hyundai iX35

2012 Кia Rio

2013 Seat Leon

2014 Skoda Octavia

2015 Ford Mondeo

2016 Skoda Superb

2017 Kia Sportage

2018 Dacia Duster

2019 Ford Focus