Нема белки одбојкарите и на ЕП да одат со автобус!

ВЛАДКО АРСОВ

По 25 години напорна работа, конечно, македонската одбојкарска репрезентација се пласира на едно првенство. Кој вели дека упорноста не се исплати?

Расипани автобуси, студени сали, школски аматерски терени и што уште не голташе оваа репрезентација во последните 5-6 години, но, веројатно, најтешко од сѐ им паѓа звукот на тишината кога ќе се обратеа на државата или на бизнис-секторот.

Ги оспоруваа дека играат во трета, четврта одбојкарска лига и дека нивните медали немаат доволна тежина за да изнудат некоја награда или премија или барем поголем интерес од тие што можат да помогнат. Три години по ред играа финале на Европската лига, а една претходно завршија во топ-4 и ништо од тоа не беше доволно за некој да дојде, барем, да ги пречека на аеродром.

Наместо тоа, тие сами си направија спеткакл, па почнаа да вијат оро во срцето на Скопје, пеејќи ја химната и други патриотски песни за да потсетат, ако некој дотогаш не сфати, дека си ја сакаат земјата и си го сакаат спортот. Впрочем, само тоа и им остана, гориво од љубов и ентузијазам, кое ги движеше преку илјадници километри и низ кој знае колку часови и денови исполнети со јадови.

Сега белки влегоа во кругот „важни репрезентации на Македонија“, со пласманот на ЕП 2019 и сѐ тики некој ќе ги фати на радарот, па ќе добијат крилја за да полетаат кон Амстердам, Брисел, Монпелје... Тоа, сепак, е предалеку да се патува со автобус, уште ако е некој осетлив на временските услови околу Ниш, па да остане без климатизација...

Сите репрезентации кои досега заминале на Европско или Светско првенство (а ги немаме премногу), пред да отпатуваат се фотографирале со важни спонзори, кои им го правеле животот полесен. Ако не се случи истото и со одбојкарите, пред 13 септември, тогаш немојте да се нарекувате спортољубци и да ставате макса на нескршливи патриоти.

Сите кои се некаков фактор и можат/треба да ѝ го осветлат патот на една репрезентација која макотрпно лее пот и крв за афирмација на државата - простено ви е што досега не сте ја забележале. Покажете се сега!