КФМ да го клонира Војдан, инаку – пропаднавме!

ИГОР КРСТЕВСКИ

Двата убедливи стартни порази на претквалификацискиот олимписки турнир во Талин само го потврдија тоа што добро упатените веќе го знаат – македонската кошарка сѐ уште е далеку не само од европската елита туку и од европскиот просек, чие достигнување сега е еднакво на освојување медал од големите натпреварувања.

Во пресрет на пресметките во естонската престолнина откажаа речиси половина од тие што требаше да ја носат играта, од причини кои може да се сфатат како (не)оправдани и (не)сериозни. Одеднаш многумина кои до пред почетокот на подготовките самостојно тренираа пријавија дека се повредени ('рбет, рамо), имаше такви што дојдоа, па почувствуваа болка баш пред тргнување на пат, дел пријавија други обврски, приватни проблеми, па селекторот Александар Јончевски мораше со „крпен тим“ да проба да го обели образот. Нормално, не успеа во тоа.

Но, ако ништо друго, средбите против Израел и Естонија уште еднаш ни покажаа две работи, дека Ти-Џеј Шортс е еден од најдобрите странци во нашата репрезентативна историја и дека Војдан Стојановски е кошаркарот кој мора да се прогласи како – македонско национално богатство.

Играчот на МЗТ Скопје е влезен во 36. година од животот, имаше тешка операција на лигаментите, но и покрај тоа никогаш не одбил да игра за Македонија, а кога е на теренот секогаш се бори како лав - напред и назад. Така беше и деновиве во Талин, каде што Војдан без разлика на противникот, разликата, па дури и моменталната форма, го оставаше срцето на теренот и гинеше двојно повеќе од сите липицанери кои немаа време и желба за играње во светиот дрес – заедно. Можеби со квалитетот и кариерата зад себе не е на нивото на Петар Наумоски, Врбица Стефанов, Тодор Гечевски и Перо Антиќ, но поради неговата љубов, скромност и посветеност, тој дефинитивно е кошаркарот чиј лик и силуета треба да бидат ставени како лого на секој дрес со национални обележја, без разлика на возрасната категорија.

Ова значи дека ако предводниците на Кошаркарската репрезентација на Македонија (КФМ) не успеат да најдат начин да го клонираат Војдан, или, пак, да трансплантираат дел од неговата спортска ДНК и дел од неговото големо спортско срце во сегашните и сите идни генерации, тогаш макбаскетот дефинитивно го чека пропаѓање во бездната. Начинот на кој тој сѐ уште гине во македонскиот дрес треба да ги засрами сите сегашни помлади примадони меѓу репрезентативците, а да ги примора Антиќ и останатите во фотелјите во КФМ да најдат начин играњето за националниот тим повторно да го направат да биде чест и гордост, а не обврска која лесно може да се избегне.

Секако, ако имаат капацитет и пред сѐ кредибилитет да го направат тоа!