Зарем би можеле да замислите Ф1-трка пред празни трибини!?

Првиот човек на формула еден-циркусот, Рос Браун, изјави дека доколку не се создадат потребни услови да се почне сезоната за три ипол месеци, тогаш крајниот рок за спас би бил октомври по што би се возеле само осум трки.

Пандемијата со коронавирусот е причина што најбрзото натпреварување не почна во март со трката во Австралија, по што следуваа откажувања и на следните осум трки и тоа во Азербејџан, Бахреин, Виетнам, Кина, Холандија, Шпанија, Монако и Канада. Браун дури и размислува да се почне кон крајот на јуни во Франција, ама без публика.

„Се надеваме дека сезоната би почнала во Европа, а веќе е сигурно дека стартот би бил пред празни трибини. Не смееме да ризикуваме. Планот е тимовите да доаѓаат со посебни чартер-летови, да бидат изолирана, а сите да мора да направат тест за коронавирусот“, изјави првиот човек на Ф1.

Новиот календар веќе се прави, а постојат сериозни шанси сезоната да се оддолжи и до јануари следната година.