Вест која буди убави спомени: Шумахер победи на формула-трката во Хунгароринг!

Германскиот возач Мик Шумахер дојде до првата победа во формула 2-шампионатот, откако беше најдобар на денешната трка за Големата награда на Унгарија.

Шумахер јуниор дебитантскиот триумф го оствари на Хунгароринг, патека на која неговиот татко Михаел оствари четири од рекордните 91 победа кои ги имаше во Ф1-циркусот.

„Сјајно е за првпат да се победи во Ф2. Ова е дополнителен мотив да работам уште понапорно на сопствениот напредок, бидејќи може да добијам покана од Ф1-тим веќе во следната или во некоја од следните сезони. Ќе продолжам да давам максимум за да бидам подготвен за следниот чекор во кариерата“, изјави Шумахер помладиот.

Тој вози за екипата на Према, а воедно е и член на Академијата за возачи на Ферари поради што се очекува во следните години да го наследи својот татко во некој од болидите на овој тим. Претходно, најдобар резултат на Мик во формула 2-првенството беше четвртото место во Австрија.