
Ужас на мото-трка: Верижен судир на 11 мотоцикли – еден запален, двајца загинати!
Станува збор за Овен Џенер (21) и Шејн Ричардсон (29), додека неколку други се повредени. Несреќата се случила за време на минатиот викенд и тоа на самиот почеток од трката. Веднаш по излегувањето од првиот свиок на патеката, еден од мотоциклистите ја загубил контролата што предизвикало верижна реакција и судир меѓу 11 возачи, а еден од нив дури и се запалил, додека шестмина други биле повредени.
Трката веднаш била прекината, а медицинските служби интервенирале на самото место. Поради сериозноста на инцидентот и потребата од долготрајна медицинска интервенција, организаторите донеле одлука за целосно откажување на тркачкиот ден. Во официјалното соопштение беше потврдено дека двајцата возачи им подлегнале на повредите. Џенер, млад талентиран возач кој настапуваше за тимот Рапид Хонда починал од тешка повреда на главата и покрај напорите на медицинскиот тим. Тој првично бил згрижен на патеката, а потоа пренесен во медицинскиот центар, каде што починал. Џенер важеше за еден од најперспективните возачи на британската сцена и неодамна ја освои титулата шампион во категоријата Бритиш ГП2 за 2024 година, со импресивни 18 победи од вкупно 20 трки.