Стефановски: АМС лаже - дојдете да се соочиме со аргументи!

Продолжува „војната“ помеѓу најдобриот македонски автомобилист, Игор Стефановски - Иџе и Агенцијата за млади и спорт (АМС), која започна рано изутрина.

Од АМС велат дека во 2018 година му дале на Иџе 8,5 милиони денари, а оваа година тој добил ваучер во износ од 500.000 денари како и месечен придонес од 49.000 денари во текот на течири години. Но, ваквата порака ја демантираше македонскиот автомобилист и потенцираше дека се работи за лаги, а воедно ги покани луѓето од АМС да дојдат на неговата прес-конференција и двете страни да се соочат со аргументи.

Новото соопштение на Игор Стефановски ви го испраќаме во целост:

Јас сум спортист и секогаш сакам фер игра. Би сакал да нагласам дека неточен е податокот дека во 2018 година од буџетот на АМС ми биле доделени 8,5 милиони денари, исто како што е целосна невистина тврдењето дека во 2019 година ми бил доделен ваучер во износ од 500.000 денари.

Уште поразочарувачки и тенденциозно делува напишаниот факт дека од 2018 година ми се исплаќал паричен надоместок за стекната категорија – стипендија од Светска категорија во висина од 2 просечни плати, небаре станува збор за награда која АМС ми ја доделува тукутака, а не е тоа легално стекната стипендија врз основа на постигнати резултати на меѓународен спортски план.

Како и да е, деновиве ќе имам прес-конференција на која ќе ги обелоденам сите информации за оваа натпреварувачка сезона и за односот на АМС кон мене и мојот тим во изминатава година, а за да нема никакви заблуди и ширење на ноторни невистини јавно ги поканувам челниците и одговорните во АМС да присуствуваат на овој прес и лично да ги соочиме аргументите".