Сериозен удар за Ф1: Вилијамс е на продажба!

Екипата на Вилијамс размислува за делумна, па дури и целосна продажба на тимот во Формула 1, како дел од стратегијата за обезбедување на иднината.

Финансиските притисоци и проблемите за тимовите во Формула 1 предизвикани од пандемијата на коронавирус се толку големи што се појавија вести дека Вилијамс размислува продажба на Ф1 тимот.

Порталот motorsport.com пишува дека Вилијамс веќе ги бара можните заинтересирани купувачи.

Одборот ги разгледува различните опции што се достапни на компанијата. Овие опции вклучуваат, но не се ограничени на, собирање средства за продажба на помал пакет акции, поголем пакет акции или дури и целата компанија. Сè уште не е донесена одлука, но дискутираме со потенцијални купувачи и компанијата е во „официјален процес на продажба“, се вели во соопштението.

Вилијамс исто така побара помош од бројни финансиски советници со цел да пронајде потенцијални инвеститори или купувачи.

Компанијата сè уште не добила никакви понуди, но можеме да потврдиме дека сме во контакт со неколку страни кои се потенцијално заинтересирани да инвестираат. Нема гаранции дека ќе добиеме понуда, не ги утврдивме точните услови што ги бараме од потенцијален понудувач, се вели во соопштението.

Целата приказна доаѓа откако Вилијамс објави загуба за 2019 година од 13 милиони фунти. Само една година порано, Вилијамс имаше профит од 12.9 милиони фунти.