Поранешна ѕвезда на Ферари заврши во затвор поради – петарди!

Поранешниот возач во формула еден-шампионатот, Жан Алези, заврши на испитување во полиција и тоа поради - неуспешна шега.

Тој сега живее во мирното француско место Авињон, каде што се обидел да се пошегува со близок роднина, поставувајќи силна петарда под неговиот прозорец. Но, експлозијата направила штета на рамката на прозорецот, а истовремено ги исплашила речиси сите во соседството.

„Алези е приведен поради оштетување туѓ имот со експлозивна направа“, изјавија од француското обвинителство.

Возачот петардата ја запалил во присуствот на неговиот син и пријател, кој исто така завршил во затвор. На сослушувањето тој изјавил дека не очекувал дека експлозијата ќе биде толку силна и дека ќе предизвика материјална штета.

Алези 13 години настапуваше во Формула 1-шампионатот за тимовите на Тајрел, Ферари, Бенетон, Саубер, Прост и Џордан и 32 пати се најде на подиумот, со една победа и тоа за Големата награда на Канада во 1995 година.