Почнува Ф1-циркусот: Ферстапен не се плаши од брзиот Мерцедес!
Британецот беше дури половина секунда побрз од трикратниот шампион по ред, Макс Ферстапен, а беше и далеку пред тимскиот колега, Џорџ Расел, како и од Фернандо Алонсо во болидот Астон Мартин. Холанѓанецот, сепак, не е загрижен за заостанувањето на Ред Бул, а недостатокот на перформанси во однос на Мерцедес го објасни со разликата во начинот на работа на моторот.
„Мислам дека не беше лошо. Можеби некои веќе малку го подигнаа моторот во однос на максималната брзина. Се фокусираме само на себе и мислам дека имаше неколку мали проблеми со балансот, но ништо големо. Само да се обидеме да ја најдеме таа идеална рамнотежа. Откако ќе го пронајдете тоа, добивате на време. Тоа е она на што ќе се фокусираме следниот ден“, изјави Ферстапен.
Дел од тркачката јавност во врска со разликата меѓу Мерцедес и Ред Бул во втората тренинг-сесија го споменува терминот „сендбегинг“ или во слободен преведено носење вреќи со песок. Тоа е вообичаен термин во Формула 1, кој се користи кога се сомнева дека тимот ги крие своите реални способности, со цел да стекне одредена стратешка предност во однос на своите конкуренти. Особено што ова не е првпат Ред Бул да има проблеми со времето на еден круг, бидејќи лани својот вистински потенцијал го реализираше токму на трките и тоа кога е најважно.
Од друга страна, седумкратниот шампион Хамилтон беше воодушевен од својата доминација во четвртокот попладне.
„Многу сум позадоволен со болидот оваа година. Позицијата на седење конечно е поназад. Имам подобро чувство за автомобилот кога се приближувам кон свиоците, но има и други области кои се поправени и подобрени. Конечно се чувствувам како да сум во тркачки автомобил. Навистина е добра платформа за работа, но само треба да ја држиме главата надолу и да продолжиме да бркаме“, изјави Хамилтон.
Меѓу останатите резултати треба да се истакне одличното време на Алонсо и младиот Оскар Пјастри во Мекларен, кој заврши како петти на тренинзите. Денеска програмата се третиот тренинг (13.30-14.30 часот) и квалификациите (17 часот). Големата награда на Бахреин, пак, се вози в сабота во 16 часот на патеката Сахир.