Хамилтон: Ќе останам во Мерцедес до крај!

Седумкратниот шампион во Формула 1, Луис Хамилтон, ја тргна дилемата дали ќе си оди од Мерцедес. Во предвечерјето на Ф1 викендот во Австралија, рече дека планира да ја заврши кариерата во овој тим.

Неговиот договор со Мерцедес истекува на крајот од оваа сезона, па затоа уште сега интересно е прашањето дали ќе го продолжи. Иако има 38 години и исполни, веројатно, сè што може да се исполни во една кариера во Формула 1, сепак Британецот наоѓа мотивација да продолжи да притиска на педалот за гас.  

„Се чувствувам одлично за мојата иднина и понатаму овде ми е како дома, ова е едно семејство. Се гледам себеси во Мерцедес до мојот последен ден во кариерата. Ако гледате некои легенди, на пример Сер Стирлинг Мос исто така остана до последен ден во Мерцедес. Тоа е сонот за мене, да го имам тоа еден ден. Поточно го имам, само треба да продолжам да го градам брендот. Додека можам да му помогнам на тимот, додека можам да придонесувам да се развива и да оди напред, ќе останам. Ако некогаш дојде момент кога ќе почустввувам дека не можам да го правам тоа, тогаш ќе биде време за некој помлад. Но јас уште сум во солидна форма“, изјави Хамилтон.

Тој е во Мерцедес од 2013 година, откако претходно пет сезони мина во Мекларен. За германскиот произведувач на мотори оствари 82 победи и 77 пол-позиции, покрај шесте шампионски титули.