Хамилтон ги доведе во прашање промените во Формула 1

Седумкратниот светски шампион од редовите на Мерцедес, Луис Хамилтон ги доведе во прашање новите правила во Формула 1 истакнувајќи дека новиот мотор кој ќе се користи од 2026 година е „храбар чекор“.

Меѓународната автомобилистичка федерација (ФИА) соопшти дека од 2026 година болидите во Формула 1 ќе бидат помали и еколошки прифатливи.

Според новите правила кои стапуваат на сила од 2026 година болидите ќе бидат за 30 килограми полесни, 10 сантиметри пократки и ќе имаат мотор со поделба на гориво 50-50 измеѓу електрична енергија и сила со внатрешно согорување.

Хамилтон неколку пати претходно бараше болидите да бидат полесни, но се уште не е сигурен дека ваквите промени ќе донесат нешто подобро.

„Станува збор само за 30 килограми, но се оди во добар правец, сепак болидите и понатаму се тешки .Разговарав со неколку возачи кои ги возеа на симулаторот, тие ми кажаа дека се прилично бавни ќе видиме дали е тоа добар правец или не. Но во поглед на одржливоста, посебно во агрегатите, тоа е навистина храбар чекор и се оди во вистинската насока. 

Мораме да се увериме дека болидите се поефикасни, побрзи и дека со ова тркањето навистина се подобрува“, изјави Хамилтон.

Овој викенд се вози трката за Големата награда на Канада и таа е на програмата во недела од 20:00 часот.