Формула 1 се држи до планот - ќе се вози и на Блискиот Исток

Формула 1 донесе одлука последните две трки од шампионатот во 2026 година да се одржат според првичниот календар, во Катар и Абу Даби. И покрај неизвесноста поради безбедносната ситуација на Блискиот Исток, челниците на најбрзиот автомобилистички циркус засега немаат намера да го менуваат планот за финалето на сезоната.

Претседателот на ФИА, Мохамед Бен Сулајем, потврди дека подготовките за двете трки продолжуваат според планираното.

„Подготвени сме за Катар и Абу Даби. Целосно сме посветени на организацијата на две извонредни тркачки викенди и спектакуларен крај на шампионатот“, порача Бен Сулајем.

Катарското Гран-при е закажано за 29 ноември, додека сезоната ќе биде затворена со трката во Абу Даби на 6 декември. Двете трки ќе бидат дел од завршниот тркачки распоред, кој започнува со настапот во Лас Вегас.

Сепак, одлуката не значи дека безбедносниот аспект е ставен во втор план. Од ФИА и Формула 1 нагласуваат дека ситуацијата ќе продолжи да се следи, а доколку околностите се влошат, нема да се двоумат да преземат соодветни мерки. Претходно во текот на сезоната, поради конфликтот во регионот, беа откажани трките во Бахреин и Саудиска Арабија. Бахреин подоцна доби заменска трка во Малезија, додека настапот во Саудиска Арабија не беше реализиран.