Ферстапен првпат во кариерата до пол-позиција во Монако

Светскиот првак Макс Ферстапен (Ред Бул) првпат во кариерата обезбеди пол-позиција на најатрактивното гранпри во Формула 1, уличната трка во Монте Карло, откако попладнево беше најбрз во официјалните квалификации.

Ферстапен извозе круг за 1:11,365 минути и тоа во последните моменти од третиот дел на квалификациите за да го истисне Фернандо Алонсо од позицијата, па со тоа дојде до 23-та пол-позциција во кариерата.

Алонсо заостана за 0,084 секунди, додека трет заврши Шарл Леклер од Ферари со 0,106 секунди заостанување. Естебан Окон од Алпине ќе стартува четврти, а следат Карлос Сајнц од Ферари, па седумкратниот светски првак Луис Хамилтон, Пјер Гасли, Џорџ Расел...

Вториот возач на Ред Бул, Серхио Перез уште во првиот дел од квалификациите го заврши својот настап, па ќе тргне од последното место.

Гранприто на Монако се вози утре од 15 часот.