Ф1 го опомена Ферари за кршење на корона протоколите

Формула 1 сериозно го опомена италијанскиот гигант Ферари поради кршење на протоколите за заштита од коронавирусот, зашто двајцата возачи на „црвениот барон“ излегле од т.н. „заштитен меур“ и се мешале со луѓе кои не се дел од таа примарна заштита.

Формула 1 побара од сите тимови и возачите да немаат преголем контакт со надворешниот свет и да останат во кругот на тој „заштитен меур“ со цел да се избегне влегување на Ковид-19 во екипите, што би предизвикало прекин или ново одложување на сезоната.

Но, Себастијан Фетел и Шарл Леклер не ги почитувале протоколите, па Леклер бил фатен во Монако како се дружи со пријатели, а протокол прекршил и Фетел. ФИА му порачала на Ферари дека следен престап ќе значи пријава до редарите и веројатно казна за италијанскиот тим, а Леклер се бранеше дека има два негативни тестови и дека нема никаков проблем во сето тоа.

„Јас се вратив дома, а од друга страна сум тестиран двапати пред да се вратам и двапати сум негативен. Тоа е сè“, рече Леклер.

Во Монако после воведната трка во Австрија се врати и возачот на Мерцедес, Валери Ботас, но кај него е утврдено дека не ги прекиршил правилата на „заштитниот меур“, бидејќи бил во контакти кои ги пријавил, неговата девојка Тифани Кромвел и неговиот личен тренер Анти Виерула.

„Нема никаква разлика каде сум, битно е со кого сум. А, јас бев со истите луѓе и небитно беше дали сум во Монако. Јас сакав само три дена да бидам дома, да ги наполнам батериите, а тоа е многу важно, сакам да сум таму каде што се чувствувам најдобро. Јас знам што е дозволено, битно е да сум си во својот 'меур'“, вели Ботас.

Ново гран-при во Ф1 се вози викендов на истото место како минатата недела, само сега под името Голема награда на Штаерска.