Без изненадување во Брно: Маркез доминантно до шестата победа во Мото ГП!

Возачот на Хонда, Марк Маркез, дојде до шестата победа сезонава во кралската класа во Мото ГП-шампионатот, откако попладнево на доминантен начин беше најдобар на трката во Брно.

Шпанецот со овој триумф влезе во ептен одбрано друштво како четврти возач во историјата на најелитната класа во мотоциклистичките трки кој успеал да дојде до 50 победи, а во која се Валентино Роси, Џакомо Агостини и Мајк Дуан.

Пресметката во Чешка почна со скоро едночасовно задоцнување поради временските неприлики, а наместо 21 круг возачите минаат еден круг помалку. Маркез беше убедлив од почетокот до крајот на трката, а заврши пред Италијанецот од Дукати, Андреа Довициозо и Британецот од Прамак Рејсинг, Џек Милер.

Во генералниот пласман, Маркез сега има 210 бодови, односно 63 бода повеќе пред второпласираниот Довициозо. Следната трка во календарот е закажана за следната недела, а ќе се вози за ГН на Австрија.