Вулверхемптон со пенал и помош од ВАР ја грабна последната четвртфинална виза (ВИДЕО)

Англискиот премиерлигаш Вулверхемптон е последниот осми четвртфиналист во оваа сезона во Лига Европа, после вечерашната победа со 1-0 против Олимпијакос, за да ја комплетира осморката што од понеделник во Германија на фајнлејт-турнирот во невидената сезона ќе се бори за пехарот во второто по ранг натпреварување.

Со пенал и помош од ВАР, Вулфс го елиминираше грчкиот првак, а Раул Хименез од белата точка уште во деветата минута го реши победникот, но многу контроверзи донесе мечот откако ВАР му поништи гол поради офсајд на атинскиот великан по половина час игра и тоа од – неколку милиметри. Допрва Грците бурно ќе реагираат на урнебес-одлуката на ВАР за офсајд од милиметри, момент кој не ги врати Грците во мечот, барем да се надеваат на евентуални продолженија и пенали. Првиот меч заврши 1-1 во февруари, па Англичаните со вкупни 2-1 ја обезбедија последната четвртфинална виза за оваа сезона.

Швајцарски Базел го завери четвртфиналето на фајнлејт-турнирот во Германија вечерва со минималната победа со 1-0 против бундеслигашот Ајнтрахт Франкфурт, ланскиот полуфиналист во Лига Европа, по триумфот со 1-0. За пласманот на Базел немаше дилема уште во февруари кога славеше во Германија со 3-0, па вечерва Фабијан Фрај со гол на четири минути пред крајот донесе нова победа и парична награда за тирумф од УЕФА, за вкупни 4-0, иако уште на полувреме беше јасно дека Ајнтрахт нема сила за да направи невидена сензација.

Со вечерашните мечеви, познати се сите четвртфиналисти, но и кој со кого ќе игра во понеделник и вторник во четвртфиналните пресметки и битка за место во полуфиналето, а Вулфс ќе го играат дербито со најтрофејниот клуб во Лига Европа, Севилја, која денеска со 2-0 ја помина Рома.

ЧЕТВРТФИНАЛЕ
ПОНЕДЕЛНИК, 10 АВГУСТ – 21 ЧАСОТ

Манчестер јунајтед – Копенхахен (Келн)
Интер – Баер Леверкузен (Диселдорф)

ВТОРНИК, 11 АВГУСТ – 21 ЧАСОТ
Шахтер – Базел (Гелзенкирхен)
Вулверхемптон – Севилја (Дуизбург)