Вардар против Скандинавци - секогаш решавале нијанси!

Македонскиот шампион Вардар е првиот клуб што ќе се соочи со норвешка екипа во досегашната историја, па денеска Розенборг во Трондхајм ќе им биде вториот противник во историската сезона на црвено-црните во која пласманот во Лига Европа е најголемиот успех досега на клупскиот фудбал во земјава. Никогаш досега македонска екипа не се соочила со Норвежани, за разлика од останатите Скандинавци против кои има и убави, но и лоши сеќавања.

Розенборг е четврти скандинавски предизвик за Вардар, а трет во оваа сезона, во која веќе црвено-црните ги одмерија силите со шведскиот и данскиот шампион. Вардарци го елиминираа Малме, а беа елиминирани од Копенхаген. Претходно само во 1996 година, ги одмерија силите со шведски Халмштад, па по шест меча скорот е идентичен – две победи, две ремија и два порази. Тоа значи дека црвено-црните добро се носат со скандинавскиот фудбал и мечевите досега ги решавале нијанси.

На првиот дуел со Халмштад еден гол (0-1) и тоа во Скопје го реши двомечот по ремито без голови во Шведска. Со Малме во Струмица, три минути беа кобни за шведскиот шампион (3-1 на крајот) кој водеше по полувремето, откако во Шведска вардарци ремизираа 1-1. Со Копенхаген, дуел кој решаваше и за битка за место во елитата во ЛШ, по скопските 1-0, 20 минути ги делеа црвено-црните од пласман, имаа мала негатива, но и со играч повеќе не издржаа, па Данците стигнаа до преубедливи 4-1.

За очекување е дека и денеска повторно нијанси ќе решаваат на првиот од двата меча на македонскиот и норвешкиот шампион (реваншот е на 7 декември во Скопје). Дури и од таборот на Розенборг се свесни дека квалитетот на двата тима е израмнет. Сега останува на црвено-црните да покажат дека можат да освојат бод(ови).

Досега дури 11 пати играле македонски и скандинавски екипи, а летово покрај Вардар, и Шкендија елиминираше еден - фински Хелсинки (3-1, 1-1). Во 11 двомечи, само три екипи успеале да ги изгубат двата меча, Слога Југомагнат од Брондби (двапати 0-1), Работнички од Одензе (3-4, 0-3) и Тетекс од Елфсборг (0-5, 1-2). Во сите останати, македонските екипи се избориле за барем едно реми, а често и победувале на своите натпревари.

СИТЕ ПРЕСМЕТКИ СО СКАНДИНАВЦИ

1996 (Куп на УЕФА) – Вардар – Халмштад (Шведска) 0-0 (г), 0-1 (д)

1999 (ЛШ) – Слога Југомагнат – Брондби (Данска) 0-1 (д), 0-1 (г)

2000 (Интертото) – Пелистер – Вастра Фролунда (Шведска) 3-1 (д), 0-0 (г)

2002 (Куп на УЕФА) – Победа – Митјиланд (Данска) 2-0 (д), 0-3 (г)

2002 (Интертото) – Цементарница – Хафнарфјордур (Исланд) 1-3 (д), 2-1 (г)

2009 (Куп на УЕФА) – Работнички – Одензе (Данска) 3-4 (д), 0-3 (г)

2010 (Куп на УЕФА) – Тетекс – Елфсборг (Шведска) 0-5 (г), 1-2 (д)

2015 (ЛШ) – Работнички – Хелсинки (Финска) 0-0 (д), 1-2 (г)

2017 (ЛШ) – Вардар – Малме (Шведска) 1-1 (г), 3-1 (д)

2017 (ЛШ) – Вардар – Копенхаген (Данска) 1-0 (д), 1-4 (г)

2017 (Лига Европа) – Шкендија – Хелсинки (Финска) 3-1 (д), 1-1 (г).