„Вардар е потежок ривал од Розенборг - да не ни се случи 2003 година!“

Македонскиот шампион Вардар утревечер (21.05 часот) на Националната Арена „Филип Втори“ ќе дебитира во Лига Европа и тоа против руски Зенит, освојувачот на трофејот во Купот на УЕФА (претходникот на ова натпреварување) во 2008 година, а руските медиуми направија анализа на групата и им упатија порака на ѕвездите во сино дека црвено-црните не се наивен тим.

Според руските медиуми, Вардар е потежок ривал од норвешки Розенборг, па во анализата го предупредуваат Зенит дека може да се соочат со проблем во Скопје за бодови.

„Зенит игра во групата Л, која не може да се каже дека е група која е непроодна. Тука е шпански Реал Сосиседад. Баскијците под водство на еден интересен тренер и поранешен фудбалер на Барселона, Еузебио Сакристана го води клубот слично на славниот каталонски тим. Розенборг веќе не е клуб што беше полн со странци, па против „викинзите“, тимот на Манчини не би требало да има потешкотии. Вардар, можеби е потежок противник. Прво затоа што е тим со пристојно европско искуство, иако нема големи достигнувања. Но, тие се десеткратен првак на Македонија, кој ќе игра против Русите со двојна посветеност во која не треба да се сомневате. Да, тимот на Манчини ќе се соочи со проблем, каков што има сега со загубени четири бода во националното првенство“, анализираат руските медиуми.

Посебно потенцираат дека Манчини „лута“ со тимот, а не може да го најде вистинскиот плејмејкер, па стравуваат дека „ваквиот недостаток на знаење“ може да ги чини зенитовци да ја доживеат судбината на ЦСКА од 2003 година. Вардар во 2003 година успеа да го елиминира московскиот гигант во квалификациите за Лигата на шампионите по победата во Москва со 2-1 и ремито во Скопје со 1-1.

„Нејасно е што сака со зоната. Леандро Паредес не е тој што има прекар 'куче'. Ако Далер Кузајев импресионира, Манчини го става како крило, а Матијас Креневитер добива малку шанса. Итлијанскиот тренер не препознава играч со карактеристика 'плејмејкер'. Ваквиот недостаток на знаење го однесе Валери Газаев да даде оставка по мечот со Вардар. И сега Зенит оди во Скопје. Оставката на Манчини не е закана, но проблемот е сериозен. Особено што Себастијан Друиси е многу нестабилен, па затоа и Александар Кокорин остана 'гладен за голови', потенцираат руските медиуми.

Зенит денеска од 19 часот ќе го има последниот тренинг на Националната Арена пред утрешната пресметка со црвено-црните, кои досега во трите домашни мечеви запишаа максимален ефект од – три победи.