Унгарец кој дебитира во Конференциската лига ќе ѝ суди на Шкендија против Јагиелонија

Унгарскиот судија, роден во Украина, Михаљ Карпали ќе го води натпреварот од третото коло во главната фаза од Конференциската лига, меѓу Шкендија и Јагиелонија што се игра в четврток во Скопје.

Станува збор за 35-годишен арбитар кој ќе дебитира во главната фаза од ова натпреварување откако оваа и минатата сезона водеше три натпревари од квалификациите за Конференциската лига. Има и еден меч од квалификациите за Лигата на шампионите, меѓу Милсами и Купс од јули оваа година. Вкупно, на меѓународна сцена, Карпали судел 17 меча, но главно во младинските натпреварувања.

Целата судиска постава на овој меч доаѓа од Унгарија, на Карпали ќе му помагаат Иштван Алберт и Герго Виг Тарсоњи, четврти судија е Марсел Дердак, а во ВАР собата се Томаш Богнар и Ференц Карако.