Украина ја разнесе Ерменија на гости и се проби на првото место (ВИДЕО)

Украина запиша нова, трета победа во тековната сезона од Лигата на нации, со која се проби на првото место во својата група од Б-дивизијата.

Украинците беа безмилосни во Ереван и ја понижија Ерменија со 5-0, со што си ја подобрија и гол-разликата, во случај тоа да им е потребно во финалните пресметки за позиции. Првото полувреме не најави дека ќе има гол-ревија, бидејќи Тимчук беше единствениот стрелец, во 22. минута, на асистенција на Зубков.

Меѓутоа, во второто Ерменците целосно беа капитулирани, па серијата ја продолжи токму Зубков, сега на додавање на Тимчук, а до крајот Довбик постигна два гола, а еден Игнатенко. По поразот од Шкотска, во средата, кој беше прв за нив, Украинците сега се вратија на чело на групата 1, со 10 бода. Шкотланѓаните имаат 9, но и натпревар помалку, против Ирска, која е третопласирана, без шанси за врвот, со четири бода.