Тренчовски: Овој тим може повеќе, мечот го загубивме на физички план

Академија Пандев доживеа убедлив пораз со 0-3 на своето европско деби вечерва против Зрињски во првото коло во квалификациите за Лига Европа, а тренерот Југослав Тренчовски посочи дека болниот пораз е плод на преимпресионираноста и недобрата физичка подготовка на неговиот тим.

Тренчовски го призна поразот и потенцира дека Зрињски е подобар и поквалитетен тим во моментов, додавајќи дека овој тим на Академија Пандев во моментов може многу повеќе.

„Се покажа дефинитивно дека Зрињски е квалитетен тим, екипа која беше доминантна во текот на целиот меч. Можеби згрешив за некои одлуки за кои јас лично одговарам, но знам дека овој тим може многу повеќе. Искуството си го стори своето. Моите играчи беа преимпресионирани. Јас можам да кажам дека мечот го загубивме во средината на теренот и после тој рано примен гол. Ова беше едно лошо издание за Академија Пандев и убеден сум дека вака вторпат не може лошо да одиграме. Искуството и нашата физичка подготовка не е на нивото во овој момент за да одговори на екипа како Зрињски, а да бидеме искрени Зрињски е подобар од нас во моментов“, рече Тренчовски по мечот.

Тренерот на Зрињски, Хари Вукас посочи дека во модерниот фудбал никој не очекува ваква победа и додаде дека Зрињски заслужено победил.

„Ова е голем плус за нас, зашто понатаму не чека еден многу згуснат период. Ова е сјаен резултат против екипа, која е баш добра. Во првиот дел го контролиравме мечот, имавме реализација и сето тоа го однесе мечот во друг правец. Среќа што момците беа концентрирани иправовремени. Заслужено победивме“, рече Вукас.