Тинејџерот на Јунајтед синоќа го уриваше ПСЖ, а утре ќе си се врати на училиште (ФОТО)

Масон Гринвуд е 17-годишниот талент на англискиот великан Манчестер јунајтед, кој синоќа во недостаток на фудбалери во составот на „црвените ѓаволи“ си го оствари сонот да дебитира за првиот тим и тоа на – историскиот меч за аналите во европскиот фудбал.

Манчестер јунајтед направи чудо во Париз и го емилинираше ПСЖ со триумфот со 3-1, а Гринвуд успеа да забележи деби, какво што веројатно ни самиот не очекуваше. До пред два дена тој имаше само обичен школски ден, со обврска за тренинг, а веќе ден подоцна дојде изненадувањето – да патува со првиот тим во француската престолнина.

Младиот фудбалер кој е напаѓач во вторникот беше повикан од менаџерот Оле Гунар Солшер, а вчера дури и дебитира. Влезе во игра за да го засили нападот во 87-та минута на местото на Ешли Јанг и мина нешто повеќе од десет минути (сооглед на прекинот за ВАР одлуката при пеналот). Послатко деби и не можеше да сонува, со својот клуб да ја напише најубавата фудбалска приказна, првпат еден клуб после домашен пораз со два разлика да успее да се пласира во следна рунда.

„Каква прекрасна ноќ. Пресреќен сум за дебито за Манчестер јунајтед, во ноќта за паметење. Ова е остварување на сонот, мој и на моето семејство“, рече Гринвуд. 

Денеска Гринвуд ќе има „рекуперација“ од сите позитивни шокови, патувањето, дебито... Веќе од утре повторно ќе си се врати во школските клупи и ќе си продолжи со образованието. Ако ништо друго, барем во класот ќе биде – ѕвезда! А и професорите ќе му простат што три дена го немаше на часови. Зашто на крајот цел Манчестер падна во екстаза за магичната париска ноќ.