Шкендија во Турција по ново европско чудо – Беќири: Фудбалот знае да изненади!

Екипата на Шкендија пристигна во Турција, каде утре ќе ја одигра реванш-средбата против Самсунспор (18.45 часот) во плеј-офот од Конференциската лига на УЕФА.

Македонскиот шампион ќе брка негатива од еден гол, откако турскиот тим славеше во Скопје. И покрај поразот на првиот натпревар, тренерот Јетон Беќири верува дека двомечот сè уште не е решен и дека фудбалот секогаш остава простор за изненадување.

„Имаме негатива и Самсунспор е фаворит за пласман, но фудбалот носи чуда. Се надевам дека тоа чудо може да се случи токму тука. Ние ќе го дадеме максимумот и ќе се обидеме да имаме што е можно подобра презентација. Нема што да загубиме, а искуството што го добиваме е драгоцено за сите“, изјави Беќири.

Добра вест за тетовчани е враќањето на Ване Крстевски, кој по тешката повреда повторно е дел од тимот и се очекува да биде значаен адут на гостувањето.

„Ова е голем меч за нас. Чест и привилегија е да се биде дел од плеј-офот. Сакаме позитивен резултат и веруваме во добар исход. Имаме искуство од европските натпревари и покажавме дека можеме да се носиме со силни екипи и на гости. Успеав да постигнам гол против ФЦСБ на гостински терен и тоа е еден од најубавите моменти во мојата кариера. Се надевам дека истото ќе го направам и во Турција“, изјави Крстевски.