Русија обезбеди виза на Еуро 2020, важни победи за Холандија и Унгарија

Селекцијата на Русија е третата репрезентација покрај Белгија и Италија која обезбедива настап на Европското првенство идната година низ Европа, откако денеска на Кипар со победата со 5-0 ја заверија визата за континенталниот шампионат.

На Русите им требаше и реми за пласман, но за 23 минути од стартот на мечот исчекорија кон победата со двата гола на Черишев (9.) и Оздоев (23.), па откако Лафтис доби црвен картон пет минути подоцна, јасно беше дека „зборнаја“ ќе запише победа и ќе слави настап на континенталниот шампионат. Во финишот, Ѕјуба, Головин и Черишев со втор гол само ги наполнија Кипарците за на убедлив начин да го прослават пласманот на ЕП.

Холандија со 2-1 славеше во Белорусија, благодарение на ливерпуловецот Вајналдун, кој даде два гола во првиот дел (32, 41) и „лалињата“ сега со 15 бодови привремено се први, а Германија во истата група игра вечерва кај Естонија и треба да победи за да се израмни со ривалот. Холандија со оваа победа, сега е со една нога кон ЕП и ќе ѝ треба триумф во номеври за да го заверат тој пласман.

Унгарија со 1-0 го победи Азербејџан за да остане во трката за место на ЕП, а Корхут уште во 10-та минута беше херој за триумфот. Унгарците сега привремено се втори со 12 бода, два повеќе од Словачка, но и меч повеќе, а очигледно е дека за нив ќе решава дуелот со Велс на 19 ноември, кога и ќе чекаат помош од Хрватска во дуелот со Словачка за евентуален пласман.

Шкотска очекувано со 6-0 го растури Сан Марино, но сето тоа е залудно зашто Белгија и Русија веќе ги освоија првите две места во групата. Белгијците во првиот денешен меч победија во Казахстан со 2-0 за да продолжат со максималниот ефект.